Здружение на Феријалци Битола

Сливнички манастир

Сливничкиот манастир е манастирски комплекс кој се наоѓа на 3 km од истоименото село Сливница во падините наБаба Планина, Македонија. Манастирката црква (Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ - Сливница) е посветена на Богородица. За манастирот е издадена и книга од страна на д-р Донка Барџиева-Трајковска.Манастирот се наоѓа на 3 километри од селото Сливница, на источниот брег од Преспанското Езеро. Пред 100 години околу манастирот се простирала огромна борова шума која изгорела во пожар. Манастирот е подигнат во 1607 година, и според описот е граден во три фази, и тоа од 1607, од1612 и главно во 1645 година. Од тој период потекнува и живописот во храмот, како и дрвениот иконостас со престолните икони, царските двери и големиот крст. Стар е 400 години. Во склоп на манастирот има конаци кои ги користат жителите на Преспа. Конаците се изградени при крајот наXVII век и на два пати биле опожарени. Неговата обнова е започната во 1994 година и до 1998 год. обновени се 20 конаци со 90 легла. Во манастирот има и лековита вода. Манастирската црква е посветена на Света Богородица.


Сливнички манастир

Историја

Неговата изградба започнала пред 400 години, во 1607 година. Реставрацијата на древниот македонски манастир започнала во 1996 година. Сега во манастирскиот двор има има 20 конаци со 90 легла. За време на летото во конаците доаѓаат верници кои тука преспиваат. Обновена е трапезаријата и кујната, а направен е и санитарен чвор.


Изградба

Манастирот е граден со помош на сите околни села и од населението од подалечните места. Најголемо учество во изградбата на манастирот според натписот над вратата во манастирот дале следниве лица: Михаило Петков од Битола (9000 гроша), неговиот брат Грујо (1000 гроша), Стојко Милев од Сливница, Стојан и Милко од Ротино, Битола (1000 гроша), Тодор од Љубојно, Јосиф од Харвати (Арвати) и еромонах Стефан од Кономлати (1000 гроша), Сотир и неговиот брат Никола од Бохуно денешно Болно по 500 гроша, еромонах Стефан и Михаил и други.Манастирот од сите страни бил опколен со згради. Се влегувало низ две големи и две помали порти. Во горните делови на зградата се наогале простории за престој на гости. Некои од собите биле сопственост на селата Болно, Љубојно, Герман, Кономлади, Горица, Битола, Прилеп, Костур и др. Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчкиот владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните преспански села каде учители биле свештениците.


Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ - Сливница

Црквата

Манастирската црква е посветена на Рождеството на Пресвета Богородива. Живописот во олтарот и наосот на храмот е изведен од зографска тајфа од која се издвојува работата на двајца мајстори. Тие успеале да пренесат содржина од сложена тематско-иконографска програма, особено карактеристична во наосот, каде се испреплетени сцени од неколку циклуси: Големите Христови Празници, Страдања и Параболи. Посебна ликовна разработка добил Христос-агнец на кого му се поклонуваат архиереите. На јужниот ѕид во олтарот е насликан Св. Кирил Филозоф со што Сливничкиот Манастир добил уште еден од повекето показатели за нагласениот однос на неговите ктитори кон словенската црковна традиција. Најголема специфика на овој живопис е портретот на младиот битолчанец Купен кој добил значајно место во олтарната програма кој е насликан со посебно внимание.Присуството на првиот мајстор е нагласено кај претставите во олтарот и сводот, фигурите во првата зона на наосот и ликовите во повеќефигуралните композиции од втората зона. Вториот зограф се препознава по поизразениот шематизам вкочанетост на фигурите и посиромашната колорична палета.


Лековита вода за неродилки

Во дворот на манастирот постои чешма за која се верува дека е света и лековита вода. Се смета дека водата која извира од под манастирската црква лечи од болести и помага за пород. Според сведочењата на десетици луѓе, Богородица неколку пати се појавила околу манастирскиот комплекс. Првите сведочења се појавуваат од времето на Првата Светска Војна, додека последното е забележано во 2006.